Светот треба да стравува од либра



Во моментот е нејасно колку предложената нова глобална криптовалута на „Фејсбук“ би можела да стане популарна и какви проблеми би можела да предизвика. Но инфлацијата и намалената способност на креаторите на политики да ја контролираат се на врвот на листата на можни ризици. 

Новата глобална дигитална валута на „Фејсбук“, либра, која компанијата планира да ја воведе уште во 2020 година, би можела да го трансформира светот. Но никој, вклучувајќи ги и основачите на овој амбициозен проект за економски инженеринг, не може целосно да ги предвиди евентуалните последици од валутата. Креаторите на монетарните политики треба да бидат особено загрижени, бидејќи нив може да им биде многу потешко да ги контролираат невработеноста и инфлацијата во светот на либра.
Во првиот квартал од 2019 година, Фејсбук месечно имал по 2,38 милијарди активни корисници. Ако дури и мал дел од нив почнат да ја користат либра за да извршат финансиски трансакции, да купуваат и продаваат производи и да префрлаат пари, новата валута брзо ќе биде широкоприфатена. Асоцијацијата „Либра“, непрофитна група со седиште во Женева, која ќе оперира со дигиталната валута, меѓу основачките членови ги вбројува големите компании, како „Убер“, „Лифт“, „Ибеј“, „Мастеркард“ и „Пејпал“. Затоа, либра може да стане доминантна глобална валута, но валута со која управува корпорација, а не централна банка. Иако се заснова на истата блокчејн-технологија како и другите криптовалути, либра се очекува да биде многу поефикасна. „Фејсбук“ ветува дека системот на либра ќе може да процесира по 1.000 трансакции во секунда, да биде фокусиран кон корисниците и да има трансакциски трошоци практично сведени на нула. Не изненадува фактот што објавувањето на валутата либра предизвика цел бран состаноци на централните банки во разни мултилатерални организации. Некои коментатори ги поздравија предложените нови приватни пари, додека други сакаат владите да ја запрат либра уште пред да земе замав.
Критичарите на иницијативата имаат неколку грижи, вклучувајќи ги и компјутерската моќ што е потребна за управување со валутата, приватноста на податоците на корисниците и можноста новите пари да се користат за нелегални активности и пазари. Но многу повеќе внимание треба да му се посвети на анализирањето на тоа како либра драматично може да ја промени глобалната монетарна политика. Најмногу институционални структури и системи во светската економија, трговијата, банкарството, хартиените пари, финансиските пазари и слично се појавија преку бавни еволутивни процеси. Намерните обиди да се воспостават целосно нови системи обично доведуваа до непредвидени предизвици.
Создавањето на еврото беше еден таков планиран чин на економско инженерство, кое имаше непредвидени последици. Во мојата книга „Економистот во реалниот свет“, зборувам за тоа како приходите од обврзниците колабираа во еврозоната по распадот на „Леман брадерс“ во 2008 година, предизвикувајќи европска криза на јавни долгови што продолжува да ја загрозува светската економија до денес. На крајот на краиштата, кризата произлегува од недостатоци во дизајнот на еврозоната (монетарна унија без заедничка фискална политика – проблем што допрва треба да се решава).
Во оваа фаза може само да се шпекулира за проблемите што може да ги предизвика либра. На пример, ако либра стане популарна, луѓето ќе ги разменуваат своите национални валути, долари, евра, ренминби и рупии за новата дигитална валута, за да купат и продадат многу производи што ќе бидат наплатени со неа. Многу корисници потоа можат да изберат да ја чуваат либра, наместо да ја разменуваат назад во сопствените валути. Затоа, „Фејсбук“ или асоцијацијата „Либра“ ќе продолжат да ги чуваат националните пари и да заработат од нив со инвестирање на парите на корисниците на либра. Тие, исто така, ќе бидат во искушение да издадат дополнителни количества либра за да стекнат сињораж на ист начин како што централните банки го прават тоа преку издавање национални валути.

Инфлацијата и намалениот капацитет на креаторите на политиката да ја контролираат мора да се нагласат на листата на можни ризици. Обично, кога инфлацијата се зголемува, централните банки преземаат чекори за да ја контролираат. Тие спроведуваат мерки за да повлечат дел од парите во оптек. Но ефективноста на ваквите политики би можела да биде значително намалена ако едно од најголемите тела за печатење пари е приватна организација. Самата либра може да создаде некои инфлациски притисоци, бидејќи таа ефективно ќе додава ликвидност. Во последно време, високата инфлација се забележува само во економиите во развој, па, така, постои тенденција да се претпостави дека напредните економии се имуни. Но треба трезвено да се потсетиме дека двата најголеми катастрофални случаи на инфлација во историјата биле во релативно богати земји, во Унгарија во 1946 година и во Германија во 1923 година. Во Германија, една марка од почетокот на инфлацискиот бран, само едвај една година подоцна чинеше 100 секстилиони марки (единица со 23 нули зад неа).
Покрај овие ризици, повикувањето веднаш да се запре либра не може да биде вистинскиот потег. За почеток, не е јасно кој актуелен закон би можел да се искористи за да се спречи предложената валута. На едно ниво, либра не е многу различна од законски важечките купони што луѓето ги купуваат со долари кога ќе влезат во забавен парк, а потоа ги користат за да платат за храна и за користење на реквизитите. Во еден глобализиран свет, земјата што ја отфрла либра може да се најде себеси постепено изолирана од другите што ќе ја прифатат. Креаторите на политиката мора итно да размислат каков свет би можеле да создадат приватните дигитални пари. Можеби многу брзо ќе ни бидат потребни нови закони и глобални договори за да се ублажат потенцијалните негативни последици и да се спречи моќта на организациите што управуваат со овие нови валути.


Каушик Басу
Авторот е бивш главен економист на Светската банка

Нема коментара