E-Правопис на македонскиот јазик

Бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик од денеска е поставена на www.pravopis.mk - потстраница на НУБ „Св. Климент Охридски“ и е достапна за сите за користење и симнување.

Веста ја соопшти министерот за култура  во обраќањето по повод патронатот на Националната и универзитетска библиотека, нагласувајќи дека тоа е одлука на Владата на Република Македонија и Министеството за култура која ја соопштуваат по повод денот на просветителот св. Климент Охридски.
Печатеното издание на новиот, дополнет и осовременет Правопис на македонскиот јазик, Институтот „Крсте Мисирков“ го промовираше минатата година, а оваа година објави и второ издание.
Достапнот електронскиот Правопис, кој е поставен во соработка со НУБ „Св. Климент Охриски“ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, ќе биде нова алатка за граѓаните на Република Македонија, со која тие ќе ги унапредуваат своите знаења за користење на стандардниот македонски јазик.
- Сметам дека оваа вест претставува голема радост за сите Македонци, не само во нашата земја, затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик во јавните објави и во јавната комуникација - рече министерот.
Тој додаде дека ова е само еден од многуте чекори што ќе ги преземе Владата на РМ за заштита и унапредвање на употребата на македонскиот јазик, потсетувајќи на неодамна објавените 11 предлог-мерки со кои, рече, ќе ги развиваат механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери.  

Нема коментара