Уредба за колонизација на Македонија и Косово и Метохијс
" Јужните краишта" - ветена земја за врањанците и пироќанците
Како еден од начините за воспоставувањето на својата власт во Вардарска Македонија, била и колонизацијата на овие краишта, која режимот на Кралството на СХС интензивно ја спроведувала во првите години меѓу двете светски војни, со различен успех. Колонизацијата во Македонија всушност започнала со основањето на Аграрна Дирекција во Скопје, согласно Уредбата за устројство на Министерството за аграрна реформа од 12 февруари 1920 година и со воспоставувањето на окружни аграрни повереници во сите поголеми колонизациони центри во Вардарска Македонија.
Населувањето добило одредена форма со Уредбата за населување на т.н. ,,јужни краишта" од 24 септември 1920 година. Со таа Уредба биле одредени земјиштата за населување:
1) слободните државни земјишта
2) општинските и селските земјишта и утрини и
3) пустите земјишта и оние кои се трајно напуштени од нивните сопственици.
При населувањето колонистите имале право на бесплатен превоз на сите членови на семејството, стока и покуќнина. Со ова право се искористиле голем број колонисти од Босанска Краина и од Лика. Колонистите имале право на бесплатно користење на државните и општинските шуми за подигнување на куќа, слободна испаша по селските и општинските утрини и други привилегии.
Со цел да се разбие етничката компактност на македонскиот народ во Брегалничкиот округ (област) и пошироко во цела Вардарска Македонија, режимот на Кралството сакал со законски мерки што нуделе олеснителни околности, да привлече што повеќе колонисти-Срби во Македонија, со што на неа и би се дал српски етнички белег. Според законот за колонизација на ,,јужните краишта", како колонисти се предвидувале: сиромашни државјани на Кралството на СХС , занаетчии, доброволци во војните (тука спаѓаат и четници), пониски државни чиновници кои вршеле служба во погранични реони, понатаму луѓе кои купиле земја според услови на Министерството за земјоделие, разни аграрни задруги, бегалци и други слоеви.
Ѓорѓе Крстиќ, кој од мај 1927 година бил главен аграрен повереник во Скопје, истакнал дека најпогодни за асимилација на македонскиот народ биле населениците од Врањскиот и Пиротскиот округ, бидејќи по менталитет биле слични со Македонците. Истиот како непогодни за асимилаторска политика врз македонскиот народ ги посочил Црногорците-колонисти, поради различниот менталитет. Првенство при колонизирањето во Македонија добивале доброволците од Солунскиот фронт во Првата светска војна, четниците, а потоа оптантите и бегалците. При колонизацијата најчесто земја добивале оние кои што воопшто не се занимавале со земјоделство. Овие лица не ја обработувале добиената земја туку ја давале под наем на месното население, а самите живееле во градовите занимавајќи се со друга професија. На тој начин колонистите се богателе за сметка на месното македонско население.
Големосрпската власт на Кралството на СХС, тргнувајќи од интересот за асимилација на македонскиот народ, им давала безброј привилегии на српските колонисти во Македонија: бесплатен градежен материјал, користење на селските и државните утрини за пасишта, ослободување од царина, ослободување од плаќање данок до 10 години и друго. Од друга страна колонистите биле должни сами да ја обработуваат земјата, да се зачленат во аграрните задруги, да не ја отуѓат земјата дури не станат сопственици (за 10 години), да ја обработуваат земјата, да sидаат куќи за себе и да одговараат на сите обврски од Уредбата (член 24). Колонистот го губел правото врз земјата, ако одржувал врски со антидржавни елементи.
При колонизацијата, односно населувањето на луѓе од другите краишта на Кралството во Вардарска Македонија, домородниот македонски народ не останувал рамнодушен на тој чин, туку активно се спротивставувал, поради фактот што плодното земјиште им било давано на колонистичките семејства. Со колонизацијата се стеснувале и селските утрини, а слободните ливади им биле отстапувани на колонисти. Како пример за отпор кон колонизацијата бил случајот со селаните од селото Арѓулица, Штипско, кои во расправија за ливадите го претепале Петар Вукчевиќ, бивш црногорски мајор, затоа што им ги гонел говедата од ливадите.
Владеачкиот режим на Кралството на СХС при колонизацијата главно внимание обрнал на Брегалничкиот округ (област), како важна геостратегиска точка, пред се поради близината со Бугарија и опасноста од комитските напади на четите на Тодоралександровата ВМРО. Во Брегалничката област предност при колонизирањето им се дало на реонот на Овчеполието, Штипско и Радовишко, додека во другите делови од тогашниот Брегалнички округ, колонизацијата била со помал обем. Министерството за аграрна реформа образувало комисија под водство на професорите Александар Стебут и д-р Доброслав Тодоровиќ, која имала задача да изврши испитувања на земјиштето во Овче Поле. Според нивните истражувања, земјиштето каде била основана колонистичката населба Нова Батања, било неквалитетно за било каква култура и во услови кога би се наводнувало. За комплексот во село Мустафино комисијата поволно се изразила, а за село Ерџелија, комисијата изјавила дека земјата била со одличен квалитет и доколку соодветно би се наводнувала таа би се претворила во ,,градина” на Овче Поле.
Колонизацијата во Брегалничкиот округ (област), поорганизирана форма добила во текот на 1920 година. Во октомври 1920 година во Скопје требало да пристигнат 16 семејства од Лика, кои требало да бидат населени во селото Долани, Штипско. Повереништвото на Министерството за аграрна реформа во споменатото село успеало да насели 105 колонистички семејства и покрај отпорот на домашното население. Повереништвото барало од воените власти да им помогнат на овие колонистички семејства, кои требало да стигнат во Скопје, со тоа што ќе им обезбедат превоз на нив и на материјалните средства што ги носеле за изградба на колонистичката населба.
Во однос на населувањето на овие колонистички семејства во селото Долани, Александар Апостолов истакнал дека во селото во 1920 година биле населени 121 семејство колонисти, иако немало земја и за месното македонско население. Селото Долани имало голема стратегиска важност, што се гледа од фактот што биле мобилизирани луѓе од селото за да пренесат 16 колонистички семејства од Велес до Долани, заедно со покуќнината и земјоделскиот инвентар што бил натоварен на 30 вагони.
Забрзаната колонизација во Вардарска Македонија и посебно во Брегалничкиот округ, се гледала и од фактот што владеачките структури на Кралството во текот на 1920 и 1921 година, одвоиле големи финансиски средства за таа цел. Во 1921 година државата отпуштила 6 милиони динари за колонизација, а во 1922/23 година 23 295 000 динари и тоа најголем дел за Вардарска Македонија. Во овој период во Брегалничкиот округ, како што административно се нарекувал до 1921 година, биле колонизирани 532 семејства.
За широките размери на колонизацијата во Вардарска Македонија , а со тоа и во Брегалничкиот округ, податоци изнесувале и различните весници и списанија на македонската емиграција во Бугарија, коишто најчесто се повикувале на весници од Кралството што биле блиски до владеачкиот режим. Весникот ,,Македонија” повикувајќи се на ,,Епоха” изнесол податоци дека од 1 септември 1919 година до 20 август 1921 година во Вардарска Македонија се имале населено 6861 семејство со земја во размер од 57 530,01 хектари. Во 1919 година се населени 1302 семејства со 11 926 хектари. Во 1920 година се колонизирани 3484 семејства со 29 004 хектари земја од кои 279 семејства во Брегалничкиот округ со 2402 хектари земја. Според истиот весник во 1921 година биле колонизирани 2075 семејства со 16 600 хектари земја од кои 311 семејства во Брегалничкиот округ со 2115 хектари земја. Весникот ,,Македонија”соопштила и дека во селото Ерџелија, Св.Николско, требало во септември 1921 година да бидат населени 320 семејства, кои требало да претставуваат основа за формирање на ново колонистичко село со помош на државата.
Колонизацијата инструмент за Македонците да се претопат во "Јужносрбијанци"
Најсилен замав и најорганизирана форма, колонизацијата во Брегалничката област добила во текот на 1922 и 1923 година. Во 1922 година, оптанти (селани што биле заинтересирани за населување) од село Батања од Унгарија, Срби по националност, поднеле молба до конзулатот на Кралството на СХС во Будимпешта за населување и добивање земја на територијата на Кралството. Министерот за аграрна реформа на Кралството на СХС му наредил на Врховното аграрно поверенство во Скопје да им најде земја на овие луѓе. Врховниот аграрен повереник определил свој службеник кој требало да ги придружува колонистите во изборот на земја во Овче поле. Колонистите ја одбрале најплодната земја околу селото Горни Балван, Штипско, село Пишица, земја во близина на селото Карбинци, Штипско, дел од шумата на планината Плачковица и земја во близина на Злетовска река. На колонистите им требало површина од 6-7000 хектари за 700 семејства. Тогашниот министер за аграрна реформа на Кралството на СХС, Милетиќ, наредил да се дозволи 4000-5000 хектари земја за изградба на село за овие колонисти.
Во селото Горни Балван 1130 хектари земја била прогласена за напуштена и била предвидена за колонизирање. Од окружното поверенство за аграрна реформа во Штип биле одбиени сите жалби од селаните, а на 31 мај 1923 година биле издвоени 453 хектари земја од селските утрини, како замена за 590,5 хектари плодна земја одземени од тие селани и тие 453 хектари земја им биле отстапени на македонските селани, за да се види дека и Македонците добивале земја со аграрната реформа.
Ваквиот начин на распределба на земјата помеѓу новодојдените колонистички семејства и домашното македонско население имал за цел протерување на македонскиот селанец од неговата обработлива земја, нејзино присвојување од дојденските, претежно српски семејства, со што преку променетиот етнички состав на населението режимот од Белград би можел послободно да се повикува на своето ,,историско право” врз Македонија. Од друга страна режимот на Кралството сметал дека српскиот колонистички елемент во Македонија, посебно во Брегалничката област, поволно би дејствувал врз претопувањето на македонскиот народ и неговото претворање во "јужносрбијанци", што било и стратегиска цел на белградските владеачки кругови.
Во текот на 1922 година колонизација, иако не со голем обем, се вршела и во крајните источни делови на Брегалничката област што се граничеле со Бугарија. Во Малешевско биле создадени 6 колонистички населби со 131 семејство. Во Делчевската околија (тогаш Царевоселска) биле создадени 6 колонии со 24 семејства, а во Пехчево биле населени т.н. Срби-Галиполци на број, заедно со другите колонисти, 74 семејства со 320 члена. Карактеристичен е примерот со колонистичката населба на Србите-Галиполци во Пехчево. Колонистите биле од Галиполе и во српската држава дошле 1914 година со посредство на рускиот конзул во Цариград. За време на Првата светска војна Бугарите ги интернирале во Алексинац и околината, во Србија, каде останале до 1918 година. Кога разбрале дека Грците го зазеле Галиполе, 1921 година, се вратиле таму, но кога Турците повторно завладеале со нивниот крај, тие се вратиле во Пехчево. Според Ѓорѓе Крстиќ тие луѓе биле со благ карактер, биле многу работливи и зборувале српски јазик употребувајќи грчки акцент.
Колонизацијата на Брегалничката област, уште во текот на 1922 година, кога таа била во својот зенит, започнала да наидува на тешкотии. Ваквите проблеми биле забележани од многубројните списанија на македонската емиграција во Бугарија, кои иако повеќето блиски со ВМРО на Тодор Александров, која пак од своја страна била непријателски настроена кон Кралството на СХС, давале одредена слика на колонизацијата во Вардарска Македонија и посебно во Брегалничката област. Така според оценката на органот на Илинденската организација, "Илинден", српската политика за колонизирање на Македонија претрпела фијаско. Колонистите под притисок на комитските чети исплашено почнале да ги напуштаат своите поседи. Во Штипско, во селата Таринци и Долани, повеќето од колонистите според весникот, почнале да ги напуштаат своите населби. Според истиот весник, Министерството за аграрна реформа било растревожено од вестите што доаѓале од Македонија. Аграрните чиновници соопштиле дека големата суша лошо се одразила врз жетвата, поради што се јавила депримираност кај српските колонисти. Тој страв од глад, според ,,Илинден” се заканувал да ги уништи успешните резултати од колонизацијата во Овче поле и Тиквеш. Тука колонистите биле претежно од Далмација. Состојбата се влошила и од разни агитатори, кои пропагирале дека на колонистите им е дадена лоша земја. Поради тоа веднаш од Белград била испратена делегација под претседателство на Чедо Јанковиќ, која требало да им вети на колонистите државна помош.
Во почетокот на 1923 година, колонистичката политика на Кралството во Брегалничката област претрпела сериозен удар. Со нападот и убиството на повеќе српски колонисти во селото Кадрифаково, во јануари 1923 година, од страна на четите на ВМРО, била загрозена колонизацијата во Овчеполието. Меѓутоа властите на Кралството на СХС ја продолжиле колонизацијата во другите делови од Брегалничката област. Така за колонизацијата во Радовишко биле ограничени 837 хектари обработлива површина. По општини распределбата на земјата била следна: Ињевската општина 225 ха, Кончанската 231 ха, Подарешка 159 ха и Радовишка 222 хектари. Во Радовишката околија биле формирани 11 колонии создадени меѓу 1923 и 1937 година со вкупно 59 семејства и 239 членови на семејствата. Сите 59 колонистички семејства по националност биле Срби(за Срби биле сметани и Црногорците), а по вероисповест православни. Обични колонисти биле 55 семејства со 271 член, а четници 4 семејства со 22 члена.
И покрај настаните во Кадрифаково, големосрпскиот режим не се откажувал од своите зацртани цели што сакал да ги оствари преку колонизирањето на Брегалничката област. Весникот на македонската емиграција во Бугарија, ,,Независна Македонија”, пишувал за засилената српска колонизација во Овчеполско и намерата на тамошните власти за протерување на Македонците од нивните огништа. Според истиот Белград требало да даде заповед за запирање на злосторствата во Брегалничката област и да ја прекине колонизацијата со што би се создале услови за легална борба и тогаш од само по себе ќе се ставело крај на четничкото движење. Истиот весник, повикувајќи се на белградскиот весник ,,Време" соопштил дека во април 1923 година во Скопје пристигнале два транспорта колонисти од Унгарија, кои требало да се населат во Штип и во Овче Поле, но поради лошото време се задржале во Велес. Со нивното населување тие веднаш наишле на проблем поради недостатокот од земја и храна за нив и за добитокот. Своето останување колонистите го условиле со обезбедување доволно храна и обработлива земја, како и подобро место за градење на нивното ново село.
Органот на Извршниот комитет на македонските братства ,,Независна Македонија", во јуни 1923 година известила дека во Овче поле се населувале српски семејства од Унгарија, од областа Барања, со што се менувал првобитниот изглед на Овче поле, никнувале живеалишта и тие колонистички семејства почнале да ги произведуваат првите килограми жито. Весникот известувал за секојдневното никнување на нови куќи, но истакнал дека ,, само една пречка има, што безбедноста во тој крај е застрашена од кај бугарската граница."
Post a Comment