Трогателно писмо кое 27-годишна девојка го напиша пред да умре од рак го обиколи светот



Мудри зборови од кои сите можеме да учиме... Писмото на млада девојка која ја изгуби битката со рак го обиколи светот. Текстот на Холи Бучер е исполнет со животни лекции.

27-годишната Австралијка страдала од Јуингов сарком, тумор кој воглавно се појавува кај млади лица. Пред да умре, таа склопила трогателно отворено писмо кое го привлече вниманието на светската јавност. Во него таа опишува колку многу копнее за да поживее уште малку на овој свет и како луѓето треба го променат своето секојдневие за да се посреќни и позадоволни од себе.
Слушам луѓе како се жалат колку им е ужасна работата или колку е тешко да вежбаш. Бидете благодарни што физички можете да го правите тоа. Работата и вежбањето изгледаат тривијално додека телото не е во можност да прави ниту едно од нив.
Се обидував да водам здрав живот, всушност, тоа ми беше голема страст. Ценете го вашето добро здравје и функционално тело, дури и ако не е идеална големина. Грижете се за него и прифатете колку неверојатно е тоа. Движете се и хранете го со свежа храна.
Запомнете дека за добро здравје се важни и други нешта, не само физичкото тело. Трудете се исто толку многу да пронајдете ментална, емотивна и духовна среќа. Тогаш ќе сфатите колку неважно нешто е глупавото прикажување на идеално тело на социјалните мрежи... Додека сме на таа тема, избришете ги сите профили кои ви излегуваат и кои прават да се чувствувате лошо. Пријател или не... Бидете безмилосни кога е во прашање вашата благосостојба.
Холи Бучер

Жалете се помалку, луѓе! И помагајте си повеќе.
Давајте, давајте, давајте. Вистина е дека си посреќен кога правиш нешто за некого одошто кога го правиш за себе. Чудно е да имаш пари за трошење на крајот, кога умираш. Тоа не е време кога ги трошиш за излегување или за да си купиш нешто материјално, како нов фустан. Се замислуваш колку е глупаво што мислиме дека вреди да ги трошиш толку пари на нова облека или „предмети“ во нашите животи.
Ценете го времето на другите. Не ги терајте да ве чекаат само затоа што не умеете да бидете точни. Спремајте се порано ако сте од тие луѓе и ценете го тоа што вашите пријатели сакаат да го споделат нивното време со вас, а не да седат сами, чекајќи пријател. Ќе добиете и поголема почит!
Годинава моето семејство се согласи да не си купуваме подароци и и покрај тоа што елката изгледаше празно и тажно, беше убаво затоа што немаа притисок да пазаруваат и времето го искористија за да напишат убави честитки еден за друг. Плус, замислете моето семејство да се обидува да ми купи подарок, знаејќи дека ќе остане за нив... чудно е! Тие честитки ми значат повеќе од кој било подарок купен импулсивно.
Трошете ги парите на доживувања. Или барем не ги пропуштајте доживувањата затоа што сте ги потрошиле сите пари на материјални глупости.
Холи Бучер

Одете во природа.
Уживајте во моментите наместо да се обидувате да ги овековечите преку екранот на телефонот. Животот не треба да се живее преку екран, ниту пак се врти околу создавањето на совршената слика.
Случајно реторичко прашање. Дали вредат тие неколкуте часа кои секое утро или пред излегување ги трошите за фризурата и шминката? Секогаш ова ми беше нејасно за жените.
Станете порано некогаш и слушајте ги птиците додека ги гледате прекрасните бои кои ги создава сонцето додека изгрева.
Слушајте музика... навистина слушајте. Музиката е терапија. Старата е најдобра.
Гушкајте го кучето.
Холи Бучер

Разговарајте со пријателите. Оставете го телефонот.
Патувајте ако тоа ви е желба, ако не ви е, тогаш не патувајте.
Работете за да живеете. Не живејте за да работите.
Сериозно, правете го она што ви го усреќува срцето.
Јадете торта. Без да имате грижа на совеста.
Кажете „не“ за работи кои не сакате да ги правите.
Не се чувствувајте принудени да го правите она што другите сметаат дека го исполнува животот, можеби вие сакате просечен живот и тоа е ОК.
Кажувајте им на вашите сакани дека ги сакате секогаш кога имате прилика и сакајте ги со сето срце.
Ох, и последно, ако можете, направете добро дело за човештвото (и за мене) и започнете редовно да донирате крв. Ќе се чувствувате добро, а бонус е што ќе спасувате животи.
Донираната крв ми помогна да останам жива една дополнителна година – година за која вечно ќе бидам благодарна што ја поминав тука на Земјата со моето семејство, пријателите и кучето. Година во која ги имав некои од најубавите моменти во животот.
До следната средба.
Хол
24Инфо

Нема коментара