Продолжуваат разговорите за брашното, Србија најави контрамерки
Србија воведува контрамерки за увоз на македонски производи. Од официјален Белград велат дека одговараат реципрочно за македонскиот правилник за увоз на брашно.
„Властите во Скопје пред две недели одлучија брашното од Србија да не се извезува без македонски маркици, кои ќе треба да се добијат по направениот фитосанитарен преглед. Освен купување на време, од нивна страна нема подготвеност за решавање на проблемот“, вели министерот за трговија, Љајиќ за весникот „Данас“.
Македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, пак, тврди дека земјава eдинствено го променила редоследот на активности при увозот на брашно, со цел заштита на здравјето.
Официјално Скопје демантира дека се воведени нови давачки или некакви нетарифни бариери. Николовски посочува дека Македонија се согласила да се лепат маркици само за брашното од 25 и 30 килограми.
„Едни се официјалните бројки за увоз кои ги дава Царинската управа, а втори се оние кои ги дава Агенцијата за храна и ветеринарство, а сосема трети се официјалните податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издадени контролни маркички. Имаме разлика од 25.000 тони за кои не се издадени маркички, а Царинската управа вели дека се влезени на граница“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николоски.
Правилникот што стапи во сила на 8-ми февруари предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увоз на пратките и нивната контрола. Ова е 13-ти пат во последните седум години, Србија и Македонија да се најдат во спор за брашното.
Од северниот сосед во земјава годишно се увезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.
Дијана Ценевска
Post a Comment