Според истражувањето на Гаврил Крстович од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на турската империја  во врска со укинувањето на  Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи
Блаже МИНЕВСКИ
Патријархот Самуил заедно со Синодот на Цариградската Патријаршија фалсификувале документи со кои укинување на Охридската патријаршија наводно барал самиот Арсениј, архиепископ на Охридската архиепископија, заедно со епископите  и верниците. Според таквото фалсификувано барање главна причина за укинување на Охридската архиепископија е финансискиот крах на архиепископијата, но и на сите епархии со кои управувала. Но, вистинските причини за укинување на Охридската архиепископија не се финансиските долгови, кои наводно биле толку големи што ја парализирале работата на црквата, како што тврдел патријархот Самуил, туку желбата Патријаршијата во Цариград, односно Грците, да ги приграбат за себе сите 31 епархиии со кои раководела Охридската архиепископија. Според истражувањето на Гаврил Крстович од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на турската империја  во врска со укинувањето на  Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи.
ШЕСТ ЕПИСКОПИ ПРЕДАВНИЦИ
Вселенскиот патријарх Самуил и Светиот синод на Вселенската партријаршија со смислена игра за наводни финансиски проблеми на Архиепископијата во Охрид успеале да издејствуваат од султанот Мустафа трети , син на султанот Ахмед трети, одлука со која се укинува Охридската архиепископија, а целокупниот имот, заедно со верниците, во пакет, се префрла во надлежност на Вселенската патријаршија со седиште во Цариград. Во документите до кои дошол Крстович меѓудругото стои дека Вселенската патријаршија меѓу причините за укинувањето на Охридската архиепископија, освен  катастрофалната финансиска состојба и молбата на шест епископи на Охридската архиепископија, по народност Грци, кои молат да се припојат кон Цариградската патријаршија затоа што албанските качаци ги уништиле епархиите со пљачкање, убиства и палежи, како важна причина  ги наведува и честите речиси постојани  промени на архиепископот, кои тие ги нарекуават несреќни и недостојни.
Се разбира ваквото тврдење на патријархот Самуил  Ханџера упатено до Портата воопшто не е точно, зашто  пред Арсениј, последниот охридски архиепископ не станува збор за чести промени на престолот.  Имено, само двајца архиепископи владееле  кратко, а тоа се Јеремија, кој починал брзо по назначувањето, и Ананија, кој бил сменет затоа што сосила седнал на архиепископскиот трон во Охрид. Во истиот на  документ на Патријаршијата, кој наводно бил упатен до Султанот а со кој се бара укинувањето на Охридската архиепископија, може да се види дека укинувањето на архиепископијата наводно го бараат сите епископи и сите христијани од Македонија.
Но дали овој документ, односно дали ваков документ стигнал до Султанот? Според истражувањето на Крстович, кој посебно бил заинтересиран за укинувањето на Пеќката патријаршија но истовремено ги анализирал и документите поврзани со укинувањето на Охридската архиепископија, во архивата на Високата порта, односно во актите што се однесуваат на верските прашања во Отоманската империја, нема никаков документ со кој наводно епископите и верниците-христијани од Македонија поднеле некакво барање за укинување на Охридската архиепископија до Султанот. Таков документ едноставно нема. Постои некаков запис во еден царски берат со кој се нотира барањето за укинување на Охридската архиепископија и нејзино припојување на  Цариградската патријаршија од страна на Патријаршијата и Синодот, кои всушност молат да се нареди да се запише во документите на Портата припојувањето на Охридската архиепископија кон Патријаршијата со забрана Охридската архиепископија некогаш да побара отцепување од Патријаршијата.
Значи, записникот од  архивата на Портата само потврдува дека  укинувањето на Охридската архиепископија не е барање на архиепископот, народот и свештенството во Македонија, туку намера и желба на Патријаршијата. Имено, укинувањето е одобрено на барање и предлог, односно молба од страна на  Вселенскиот патријарх и Синодот на Патријаршијата во Цариград.
ФЕРМАН ЗА УКИНУВАЊЕ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА – НЕМА!
За да се увери дека не постои никаков документ со кој самата Охридска архиепископија наводно бара припојување кон Цариградската патријаршија, во 1867 година, значи сто години по укинувањето на Охридската архиепископија,  Гаврил Крстович писмено се обраќа до Високата Порта во Цариград со молба да му се издаде препис од Високата заповед со која се укинува Охридската архиепископија:
„Откако беше примена нашата молба веднаш бил побаран таков документ во архивата но одговорот што стигна беше дека Висока заповед или ферман за укинување на Архиепископијата во Охрид нема. Постои само кус запис на крајот од еден лист на записник со молба од патријархот Самуил за укинување на Охридската архиепископија. Освен препис од тој записник добивме и препис од берат со кој се поставува првиот митрополит на Цариградската патријаршија во Охрид по укинувањето на Охридската архиепископија. Станува збор за митрополитот Григориј Драченски. Со двата документи само се потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија е направено на барање на Цариградската патријаршија, со молба и мазар на Цариградскиот патријарх и  Светиот синод“.
Според тоа, укинувањете на Охридската архиепископија, а тоа го потврдуваат документите на самата Патријаршијата, но и оние што се наоѓаат во архивата на Високата порта во Цариград, е дело на патријархот Самуил и Синодот на грчката патријаршија во Цариград, а приказната дека тоа се прави по барање на свештенството и народот е чиста лага. Значи, нема никакво барање од народот за укинување на архиепископијата и нејзино припојување на Патријаршијата, а нема никаква молба ниту од архиепископот Арсениј  туку само негова оставка која е поднесена под притисок на шестемина Грци, митрополити на Охридската архиепископија, кои во дослух со патријархот Самуил ја имаат замислено, испланирано и реализирано комплетната стратегија и акција околу укинувањето на Охридската арихиепископија.
Самиот чин на укинување на архиепископијата пред султанот се правда со некаква грижа, односно желба да им се помогне на верниците кои молат да се спасат од пропаста во која е пропадната Охридската архиепископија.  Се разбира основната цел на проектот за  укинување на Охридската архиепископија всушност е уништување на националната свест кај народот, која засилено почнува да се пројавува под патронат на Охридската архиепископија. Дополнителен мотив за таквиот проект на Самуил е можноста да се приберат дополнителни пари за Патријаршијата која до гуша е во големи долгови кон Високата порта, кои мора да се платат.
Од друга страна, дека архиепископот Арсениј ниту некогаш напишал молба за укинување на Охридската архиепископија, ниту пак некогаш се согласил со такви нешто, сведочи и настанот што се случил за време на неговото заточение во манастирот Зограф на Света Гора. Имено, неколку години подоцна, токму поради финансискиот крах на Патријаршијата и големите злоупотреби на средства од патријаршиската каса, на Света Гора привремено бил заточен и самиот Самуил, патријархиот што го испрати на заточение Арсениј, последниот Охридски архиепископ. Според запис на отец Нестор, но и според сведоштвата на монасите во манастирот Зограф, еден ден  Арсениј и Самуил случајано се сретнале во дворот на манастирот, па сите имале можност да видат како Арсениј со горки зборови го прекорувал и проколнувал Самуил за укинувањето на Охридската архиепископија.
Притоа треба да се знае дека Самуил е Грк, а Арсениј Македонец од семејството Беласчеви од Охрид.
СУЛТАНОВ ФЕРМАН ЗА ПОДДРШКА НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА
Според османлиските документи  што можат во секое време да се анализираат, а тоа значи документирано да се реконстриура вистината околу укинувањето на Охридската архиепископија, недвосмислено е дека Самуил, патријархот на Цариградската патријаршија во време на укинувањето на Охридската архиепископија, употребил само лаги и клевети, тврдејќи дури и тоа дека автономијата на Охридската архиепископија , со нејзините словенски арихиепископи, всушност има намера, односно постојано се бори за политичко отцепување од Портата. Освен тоа, според Грците во Патријаршијата во Цариград, Архиепископијата била во големи долгови, но и во постојани кавги меѓу епископите кои наводно крваво се бореле за тронот, а останувале многу кратко на него, и ништо не се менувало во раководењето. Заедно со сите  тие лаги, Самуил обезбедил и поткрепа од шест митрополити од  31 колку што во тоа време имала Охридската архиепископија, да го поддржат во лагите за пропаста на Архиепископијата и опасноста од нејзината автономија. Сето тоа, заедно со лажното барање на верниците, го ускористил за да ја убеди Високата порта да ја укине Охридската архиепископија, да го укине тронот на самостојната македонска црква, односно да ја припои на Цариградската патријаршија.
Се разбира самиот чин на укинување на Охридската архиепископија е противзаконска и антиканонска постапка во чија основа лежи користољубието, властољубието и омразата на Патријаршијата, која, како што вели  Георги Беласчев, праправнук на архиепископот Арсениј, преку Гркот Самуил по секоја цена сакала да ги потчини под нејзина управа ‘прекрасните епархии на  Македонија’.
Во архивата на Османската империја има документ, односно ферман  на Султанот Мехмед трети кој директно се однесува на Охридската архиепископија, односно на наводната финансиска пропаст од која патријархот Самуил наводно сакал да ја спаси со укинување.
Специјалната архива за црковни работи се чува во Цариград под името ‘бископос муката’. Овој ферман на Мехмед трети е напишан  на третиот ден од месецот Реџеп во 1171 година (1758 по Христа) во Цариград на барање на Методиј, архиепископ на Охридската архиепископија, кој со писмо се обраќа до Султанот за да го заштити од разните лихвари кои секојдневно го притискаат за некакви наводни долгови кои ги направиле неговите претходници. Со ферманот од 1758 година Султанот  меѓудругото наредува да се престане со притисоците, нагласувајќи дека ‘кога некој патријах умре или биде сменет, и на негово место се назначи друг, новиот патријарх ги плаќа само долговите кон Државниот трезор на неговиот претходник, ако такви долгови има за плаќање. По плаќањето на овој долг новиот патријарх не треба да се вознемирува за никакви други долгови. Оттука, за да се почитува законот, го издавам овој ферман со кој заповедам веднаш по пристигнувањето на оваа моја одлука  да се постапи  според неа и да се погрижите и постапите како што е наредено. Значи, забранувам да се вознемирува спомнатиот патријарх за долгови на неговиот претходник кон кого и да било, освен долгот кон државата, кој треба да се плати за Државниот трезор, ако таков долг има’.
Значи, султанот Мехмед трети добро знаел дека врз архиепископот Методиј , по кој доаѓаат архиепискипите Кирил, Ананија и Арсениј, се вршел притисок од разни лихвари за долгови кои Охридската архиепископија не ги направила. Ферманот што го добил архиепископот Методиј го забранува ова своевидно рекетарство, кои само девет години подоцна, заедно со фалсификуваните документи за доброволно напуштање на тронот од страна на последниот Охридски архиепископ Арсениј, ќе биде искористено од Цариградскиот патријарх Самуил за конечно укинување на Охридската архиепископија.
Според тоа, укинувањето на Охридската архиепископија е организирано од Цариградската патријаршија со помош на, ако може така да се рече, локални  рекетари, и со шпионскиот ангажман на шестмина епископи Грци кои раководеле со шест епархии на Охридската архиепископија, со фалсификувано писмо на верници кои бараат укинување на архиепископијата и со фалсификувано барање на Арсениј за припојување на Охридската архиепископија кон Цариградската патријаршија.
Се разбира наводното барање на Арсениј е чист фалсификат, односно Арсениј со закани по неговиот живот е присилен само да поднесе оставка од тронот, а оставката, со мала интервенција на заговорниците, е претворена во барање за укинување на Охрдиската архиепископија.