ОБВИНЕНИЕ ЗА НОВИНАРОТ МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА И КСЕНОФОБИЈА
Основното јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинение против новинарот Миленко Неделковски за ширење расистички и ксенофобичен материјал, по пожарите кои летово ја зафатија Грција во кои загинаа 99 лица и стотици беа повредени.
„Лицето се товари дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Имено, осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години“, се вели во соопштението од ОЈО.
Од ОЈО велат дека во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител преку Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа како и други докази.
Неделковски не дал свој исказ пред надлежен јавен обвинител, бидејќи не бил достапен на неговата адреса за да му биде врачена поканата.
На 24 јули по пожарите во Атина, Неделковски на својот Фејсбук профил напиша „Да сме на чисто. Ич не ги жалам. Да даде Господ милион пати да им е полошо. Живи гореле на Атика. Не ги жалам. Нив Бог ги пали, не јас. Они моите сонародници не ги жалеле иако не Бог ами британците ги палеле. Така да, арно Бог ви прави. Живи ве гори. Сите до еден да изгорите“.
Post a Comment