ОБВИНУВАЊА ЗА ЦРНИ ПАРИ ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР: Што се крие зад оставката на Коѕијас?
Според грчките весници во кавгата се споменувале црните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи (МНР). Но, „црни пари“ или тајни фондови, имаат и Министерството за одбрана и други министерства.
Жестоки обвинувања во кои се спомнуваат вреќи со црни пари, нешто слично за што зборуваше и покојниот претседател Киро Глигоров во неговите мемоари кога појаснуваше дека му биле нудени пари и други скапоцени работи за да го „продаде името“, повторно се тема на дискусија овојпат во грчките медиуми. Имено, според грчките медиуми во жестоката расправија меѓу Коѕијас и Каменос повторно се спомнувале црните фондови на грчкото МНР кои се служеле за поткуп за грчки интереси, овојпат да се подмачка секаде каде што требало за Преспанскиот договор.
Обидот на грчкиот премиер Алексис Ципрас да го надмине раздорот во неговиот кабинет, на седницата во вторникот отиде во најлошиот можен правец, кога по острата кавга на министерот за одбрана Панос Каменос и досегашниот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, вториот си поднесе оставка, јавува агенцијата Мета.
Средствата министрите може да ги наменуваат по своја волја без кому било да му полагаат сметка, и сето тоа без каква било документација. Со тие пари може да финансиираат лица или организации заради заштита на националната безбедност, но и за прибирање информации во странски земји, за хонорирање странски новинари и за различни други тајни мисии.
Засега грчкиот парламент има контрола само врз ваквите фондови во МНР, врз основа на заложбата на Коѕиас на почетокот на минатата година.
Во текот на 1989-1993 година, се пишуваше дека од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, предводено од Антонис Самарас, грчки новинари добиле 130 милиони долари за да се промовира “грчкиот карактер на Македонија”!
– Сите средства се во црни пластични ќеси, налик на оние црни вреќи ѓубре. Таму никогаш нема проверка, секогаш исплатата беше во готово. Парите се главно за пропаганда на името на Македонија, но наместо да одат во странство, оваа пропаганда е насочена кон внатре, кон нашата земја – рече Мицотакис и пред комисија повика да се разјаснат на случајот.
Самарас беше сменет во 1992 година како министер за надворешни работи од страна на тогашниот премиер Мицотакис, кој го презеде Министерството за надворешни работи.
Истрагата заврши без заклучоци. Самарас јавно призна дека големи суми на пари биле исплатени на издавачи, новинари, па дури и на локалните власти, додавајќи дека сите пари биле искористени за “национално корисни цели”.
Инаку, своевремено претседателот Глигоров потврди дека му биле нудени еден милион долари, амфора и други скапоцени работи и тоа преку тогашниот министер Љубомир Фрчкоски, со цел промена на името. Последниов период пак, забележани се голем број на интелектуалци, експерти, луѓе од јавниот живот кои речиси преку ноќ го сменија својот став околу непромена на уставното име на Македонија со цел прифаќање на Договорот од Преспа.
На вторничната седница, министерот за одбрана Каменос не само што остро го напаѓал својот колега Коѕиас за злоупотреба на „црни пари“, туку и обвинувал дека од милијардерот и финансиер, Џорџ Сорос, зел 50 милиони евра за „поттурнување“ на Преспанскиот договор. Притоа Каменос го обвинил и весникот „Ефимерида тон синдактон“ („Ефсин“) дека зема пари од Сорос.
Како што пишува „Иефимерида“, Коѕиас долго е цел на напади од Каменос, кој се повикувал на новинарски статии дека Џорџ Сорос, за да го протурка Договорот од Преспа, финансира политичари, бизнисмени и новинари. Каменос во интервју за јавниот радиодифузен сервис ЕРТ го обвинил и весникот сугерирајќи дека е финансиран од Џорџ Сорос за да го оцрнуваат неговиот углед и за да пишуваат позитивно за Договорот од Преспа. „Ефсин“ одговори со насловна страница со фотографија од Каменос и наслови „Тврдоглавиот цицач“ и „Прикриен и неморален, ја продолжува борбата против независното информирање“.
По посетата на Вашингтон, Каменос го предложи одбранбениот договор меѓу Грција, Македонија, Албанија и можеби и Србија, како алтернатива на Преспанскиот договор, но и по сериозните обвинувања, Коѕиас на владината седница во вторникот решил директно да му одговори, без претходно да се консултира со премиерот Ципрас.
Како што пишува „Иефимерида“, Коѕиас го нападнал Каменос за Планот Б за „Скопје“, велејќи дека е опасен и за Владата и за Грција и порачал дека мора да се воспостави контрола врз тајните пари на сите министерства. Шефот на грчката дипломатија рекол дека во 2016 година формирал комисија што ги контролира тајните фондови на МНР и го повикал Каменос да воспостави тајни фондови и во Mинистерството за одбрана.
Министерот за одбрана Каменос експлодирал и викал толку силно што присутните се шокирале, а кавгата меѓу двајцата министри траела 10 минути. Лидерот на „Независни Грци“ го обвинил Коѕиас дека „го протуркува Договорот од Преспа со 50 милиони долари земени од Сорос, дека е вклучен во малверзации со визи и дека ги злоупотребува тајните фондови на МНР“…
Грчкито премиер Ципрас не зазел ниту една страна и се обидел да го смири порачувајќи дека работите треба веднаш таму да прекинат и да престанат кавгите. Тогаш Коѕиас, навреден од нападите на Каменос и разочаран од тоа што не бил заштитен од Ципрас ја напуштил седницата и заминал во МНР.
Според „Ефсин“, Коѕиас се изнервирал што Ципрас кавгата ја претставил како личен конфликт меѓу двајцата министри.
Кратко потоа, на изненадување на сите, тој заминал во кабинетот на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, го информирал дека ќе си даде оставка, и зборувал за правните последици од неговата одлука за Преспанскиот договор.
Сепак, според „Ефсин“, можно е Каменос да не даде оставка на пратеничкото место.
На вторничната седница, според „Иефимерида“, Ципрас не очекувал дека двајцата министри ќе разоткријат толку многу детали за тајните фондови и ќе зборуваат за финансирање на членови на кабинетот од Џорџ Сорос. Наводно, Ципрас му се налутил на Коѕиас што воопшто ја споменал темата за тајните фондови.
Според грчките весници во кавгата се споменувале црните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи (МНР). Но, „црни пари“ или тајни фондови, имаат и Министерството за одбрана и други министерства.
Post a Comment