НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ГОНИМЕ ПОТПАЛУВАЧИТЕ НА ПОЖАРИ, АКО МВР, ИНСПЕКТОРИТЕ ЗА ШУМИ И ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ НЕ ГИ ФАТАТ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО


Oбвинителството нема отворено предмет за нив, вели дека ја чека истрагата на МВР. За овие последни пожари има добиено само известување од МВР, без имиња на сторителите.
Осомничен и притворен од судија на претходна постапка во Основниот суд Прилеп е само предизвикувачот на пожарот во Крушево на втори април. Тој се товари за Тешки дела против општата сигурност, но доби само мерка куќен притвор.

Тетовското обвинителство отворило пет предмети за кривично дело Предизвикување општа опасност, од кои два се за шумски пожари, три за опожарување ниви. Сторителите и за нивите и за шумите имаат ист третман, осомничени се по член 288 кој пропишува затворска казна од 6 месеци до 5 години, иако за предизвикување шумски пожар има друг член 227: Предизвикување шумски пожар, кој определува висока затворска казна од најмалку 8 години.

НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ГОНИМЕ ПОТПАЛУВАЧИТЕ НА ПОЖАРИ, АКО МВР НЕ ГИ ФАТИ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО












МВР уште го расветлува пожарот во резерватот за ретки птици кај Езерани во Преспа, како и во Струга, каде во неколку наврати некој ја палеше крајбрежната трска на Охридско Езеро, потоа во Галичица, на Јакупица и Скопска Црна Гора, а и пожарот на скопската дива депонија на кејот на Вардар кај хотелот „Александар Палас“ (Фото: Ѓ. Личовски)


Според истражувањето на Призма, ниту една пресуда не може да се најде во онлајн-архивата на судски одлуки за кривичното дело Предизвикување шумски пожар, според членот 227 од Кривичниот законик (КЗ). Дел од оние што биле фатени како потпалуваат биле осудени за делото Предизвикување општа опасност, според членот 288 од КЗ. 

Меѓу двете кривични дела има голема разлика во затворските казни. За Предизвикувањето општа опасност казната е од шест месеци до пет години, а ако потпалувањето било од небрежност, можно е да се помине и само со парична казна. За делото Предизвикување шумски пожар, е предвидено затворска казна од најмалку осум години, а дури и да е небрежност, казната е најмалку три години.

Во првите три месеци од годината речиси тројно е зголемен бројот на пожари на отворено во Скопскиот Регион. Бригадата за противпожарна заштита на Скопје од први јануари до 18 март интервенирала на 545 пожари. Најмногу од интервенциите биле запaлена сува трева. За разлика од оваа година, лани во првите три месеци бројот на пожари на отворено бил 220.

Јавното обвинителство на 4 април изјави дека ги истражува причините за масовните пожари во земјава изминатиов месец, но нема сознанија дека станува збор за организирано палење или за субверзивна или терористичка акција. Истиот ден на исто прашање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР има сериозни индиции оти пожарите се подметнуваат од политички причини, а тоа е сериозен тероризам што ѝ се прави на државата.

Спасовски кажа дека не може да разбере како е одредена само мерка домашен притвор за лице кое е фатено како предизвикува пожар, посочувајќи го последниот случај со потпалувањето на шума во Крушевско. Министерот смета дека треба да се направат измени во законодавството во делот на казните и забрана за продажба на дрвја од опожарени подрачја.

На 29 март, поради појавата на шумски пожари, Владата воведе забрана за движење во шума и шумско земјиште преку цел ден и цела ноќ. Забраната важи од вчера и ќе трае сѐ до нејзино отповикување. 

Оваа забрана не важи за вработените во национални паркови и шуми. 

За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.

С. К. ДЕЛЕВСКА

sdk.mk

Нема коментара