Собрание на Република Македонија 07.08.2017

 Само што почна денешната собраниска седница на која на дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од половина час, откако опозицијата забележа дека незаконски е да се расправа за какви било разрешувања и именувања со оглед на тоа што се распишани избори.
Илија Димовски, пратеник од ВМРО - ДПМНЕ му забележа на собранискиот спикер Џафери дека ако сака Собранието да работи законски и во рамки на Уставот, треба да ги почитува одредбите од Изборниот законик кои не дозволуваат ниту да се гласа, но ниту да се дебатира за разрешување или именување лица со оглед на тоа што вчера беа распишани локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври. 
- Ако е така како што велите вие, тогаш треба да го затвориме Собранието до 16 октомври додека не завршат изборите - одговори Џафери и додаде дека не гледа причина да не продолжи работата и расправата по предложената точка за разрешување на Зврлевски и даде пауза од половина час.
Разрешувањето на Зврлевски, минатиот месец беше ставено на дневен ред на шестата собраниска седница, а на предлог на Владата, поради тоа што јавниот обвинител незаконски, ненавремено и недоволно стручно си ја вршел функцијата.
Џафери продолжението на шестата седница го закажа вчера, откако ги распиша локалните избори, кои треба да се одржат на 15 октомври годинава.
     

Нема коментара