Цукерберг со проект за фејсбук-новинарство
Во обид да им даде на издавачите препознатливост на брендот на својата платформа, „Фејсбук“ објави нови алатки кои им овозможуваат на медиумските куќи да ги прикажат своите логоа покрај нивните насловни страници.
Во продолжение го пренесуваме во целост соопштението на Марк поврзано со соработката на „Фејсбук“ со издавачите и новинарите
„Поминав многу време во текот на изминатата година одржувајќи средби со новинарски организации за да разговараме за тоа како можеме да работиме заедно подобро.
Со оглед на тоа што сè поголем број луѓе ги консумираат вестите од места како „Фејсбук“, нашата одговорност е да создадеме информативна заедница и да помогнеме таа да се изгради врз основа на заедничко разбирање.
Не можеме да го направиме тоа без новинари, но исто така знаеме дека новите технологии може да им отежнат на издавачите да го финансираат новинарството на кое сите се потпираме. За да бидеме подобри партнери во индустријата за вести, го започнавме проектот за фејсбук-новинарство. Нашата цел е да работиме поблиску до редакциите за да развиваме производи како инстант-статии и алатки за новинарите да ги пријавуваат своите приказни. Исто така, работиме и со издавачи, истражувачи и универзитети, за да им помогнеме на луѓето да бидат информирани за вестите што ги читаат на интернет.
Како дел од ова, ќе започнеме да тестираме нови начини за да им помогнеме на новинарските организации да ги зголемат своите претплати. Ако луѓето се претплатат откако ќе ги видат приказните на Фејсбук, парите директно ќе одат кај издавачите, кои напорно работат за да ја откријат вистината. Планираме да започнеме со мала група на американски и европски издавачи подоцна оваа година, а потоа ќе ги разгледаме нивните повратни информации.
Исто така, закажано е ажурирање за оваа недела, за да им помогнеме на повеќе луѓе да видат од каде доаѓаат вестите што ги читаат на Фејсбук. Сега, кога луѓето ќе бараат статија или кога ќе видат статија која е популарна, тие ќе ги видат логоата на издавачот веднаш до статијата. Ова ажурирање доаѓа од разговорот што го имавме со издавачите на вести низ целиот свет. На крајот, нашата цел е да поставиме лого на издавачот веднаш до секоја статија на Фејсбук, така што секој ќе разбере повеќе за она што го чита.
Давањето глас на луѓето не е доволно без да имаме организации кои ќе бидат посветени на откривање нови информации и нивно анализирање. Ќе продолжиме да експериментираме со различни начини за да ја поддржиме индустријата за вести и да ги поддржиме новинарите и издавачите да продолжат да ја вршат нивната важна работа“.
Post a Comment