Екологија со мерки за Скопскиот воздух
Околу 30 до 40 илјади возила од цела Македонија секој ден доаѓаат во Скопје. Бројките покажуваат дека од источна Македонија дневно во главниот град влегуваат околу 12.000 возила, додека фреквенцијата е нешто поголема на автомобилите што доаѓаат од западна Македонија и изнесува 18 000 возила.
Токму поради тоа власта планира една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот во метрополата да биде насочена кон овие возила.
Според Град Скопје и Министерството за животна средина се планира да се ограничи движењето на овие автомобили низ главниот град. Граѓаните што доаѓаат од надвор ќе може да возат само до перфиерните влезови на градот каде што ќе им биде обезбеден паркинг простор. И оваа мерка нема да биде краткотрајна само кога воздухот е загаден туку во план е така да функционира засекогаш.
– Во Гази Баба и во Ѓорче Петров веќе се бараат локаци за паркинг простор. Од таму граѓаните ќе треба да фатат автобус или на друг начин да отидат до крајната дестинација, изјави завчера заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.
Градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски посочи дека веќе се најдени локации за изградба на паркиралишта, од кои за едната веќе е изработен и Детален урбанистички план.
– Имаме две локации во план за изградба на паркиралишта. Едната локација која ќе биде наменета за паркирање на лесни возила се наоѓа во близина на Спортско рекреативниот центар- Хиподром. На овој паркинг ќе се прифаќаат возилата што доаѓаат од источна Македонија. Оваа локација е избрана и поради близината на железничката пруга. Втората локација е на патот од клучката кај Хиподром до Арачиново, на овој паркинг ќе се паркираат тешките товарни возила, информираше Георгиевски.
За првата локација кај СРЦ Хипродом веќе се проверува каква е имотно правната сопственост, но од општината посочуваат дека негде до средината на февруари ќе ги имаат сите потребни документи и информации. За втората локација, пак за тешки товарни возила работата е отидена многу подалеку и за тој потег веќе е готов ДУП. Станува збор за индустриската зона од 270 хектари, од кои 15 хектари ќе бидат наменети само за паркирање на камионите. Уште не е прецизирано кој ќе ја финансира изградбата на паркинзите, одлуката ќе следува по средување на парцелите.
Потешко ќе биде да се најде локација во Ѓорче Петров, кој треба да ги прифати возилата од западна Македонија.
– Се уште немаме утврдено истоварна станица за западна Македонија, ќе биде проблем бидејќи парцелите на влезот се во приватна сопственост, изјави градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски.
Сепак, ваквата мерка веќе наиде на големо негодување од жителите на другите градови, пред се како што велат поради фактот што често доаѓаат во метрополата заради болнички испитувања.
Скопските возачи пак како што и претходно беше најавено исто така ќе бидат ограничени во возењето бидејќи ќе возат со еколошки налепници.
Во Министерството за економија се подготвува нов Закон за возила кој во иднина ќе ги опфати сите автомобили да имаат еколошки налепници што ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кое возило колку загадува. Законот треба да биде готов до крајот на февруари. Потоа законските измени ќе бидат доставени до Владата, па до Собранието, при што реално се очекува до крајот на првото полугодие да бидат донесен и да стапат во сила.
Доколку возилото загадува ќе биде забрането да се движи во сообраќај додека е загаден воздухот. Јавноста ова мерка ја протолкува како дискриминирачка и насочена кон сиромашните кои најчесто возат стари возила кои испуштаат повеќе гасови.
Post a Comment