Пописен инженеринг на повидок
Пописот ќе се одржи од 1 до 21 април 2020 година. Ќе се попишат сите граѓани во и надвор од државата. Граѓаните кои се надвор од земјава ќе се попишуваат преку самопопишување со апликација или преку блиско лице. Државата ќе се подели на 45 региони, а за пописот ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица. Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, а конечните резултати од пописот се очекуваат да бидат готови половина година од неговото одржување.
Ова накусо се главните поенти од новиот закон за попис кој вчера помина на владина седница, а кои на прес конференција ги соопшти Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика.
– Законот има намера да ги дефинира сите чекори за спроведување на оваа статистичка операција. Важно е дека пописот ќе биде исклучително статистичка операција, а не и политичка како претходните. Ќе се спроведува со комбиниран метод, односно со класичен метод лице в лице и со користење на метод на бази на податоци – рече Симовски.
Тој додаде дека втората битна разлика од предходните пописи е што пописот ќе се спроведе со електронски прашања преку лаптопи. Ќе се собираат податоци за географските и демографските карактеристики, економските, образовните, миграциските, етничко-културолошките и религиозните карактеристики и карактеристики посветени на лицата со посебни потреби. Покрај податоците за лица ќе се собираат податоци за домаќинствата, семејствата, како и за становите и зградите.
Тоа треба да овозможи поквалитетни и побрзи податоци, посочи Симовски, истакнувајќи дека апликативното решение што ќе се изработи за спроведување на пописот ќе ја елиминира можноста за двојно односно повеќекратно попишување. Ќе се овозможи контрола на нелогичните податоци, односно грешки.
Лицата што не се во државава ќе можат да се попишат преку посебна веб апликација со претходна најава на неа со цел заштита на податоците
Извор: Дневно.мк
Post a Comment