Зошто толку многу луѓе умираат на Монт Еверест?
Според најновите извори, големата редица за чекање на врвот на Монт Еверест, делумно направена поради неколкуте денови со добро време, можеби е причина за смртта на седум планинари оваа недела.
Оваа толпа предизвикала смртоносен „сообраќаен метеж“. Еден од планинарите кој загинал, 27-годишниот Нихал Багван од Индија, бил заглавен во метежот повеќе од 12 часа и бил преморен.
Преморот е ризик со кој се соочува секој планинар. Но што е со гужвата на врвот како причина за смрт?
Метежот значи дека луѓето ќе треба да поминат повеќе време на надморска височина која е опасна за човечкото тело. А доколку треба да се спуштат поради болест, чекањето на третманите за спасување живот ќe биде многу долго.
Опасностите на Еверест
Како највисоката планина во светот, Монт Еверест се издига на неверојатни 8.848 метри надморска височина. Сепак, планинарите почнуваат да чувствуваат акутна планинска болест на помала височина – 2.500 метри.
Акутната планинска болест не е смртоносна, но нејзините симптоми можат да направат планинарот да се чувствува лошо. 77% од планинарите кои се искачуваат на височина од 1.850 до 5.895 метри ја искусуваат оваа болест. Заболените најчесто имаат главоболка, но можат да се појават и симптоми како гадење, повраќање, летаргија и вртоглавица.
Болеста може да биде спречена доколку планинарите бавно се искачуваат по планината, не се преморуваат и ги земаат потребните лекови против гадење и воспаленија.
Личноста со акутна планинска болест би требало веднаш да престане со искачувањето. Доколку симптомите не се подобрат за еден или два дена, најдобро е да ја напушти планината.
Посериозни акутни планински болести се мозочен едем на висока надморска височина, што претставува отекување на мозокот, како и белодробен едем на висока надморска височина, којашто претставува задржување на течности во белите дробови. И двете болести се ретки, но можат да бидат смртоносни.
Помалку од 1% од планинарите добиваат мозочен едем. Штом ќе настане отекување на мозокот, личноста може да ја изгуби рамнотежата или координацијата, да има изменета ментална состојба или да се чувствува екстремно изморено. Болеста може да предизвика и кома. Луѓето со болеста треба да се симнат што е можно побрзо и доколку е неопходно, треба да им се даде кислород.
Од друга страна, белодробниот едем се појавува кај 8% од планинарите. Доколку во белите дробови се задржи течност, планинарот ќе се движи побавно и може да се појави кашлица.
Покрај ова, смрзнатините, хипотермијата и заморот исто така можат да влијаат на состојбата на планинарите. А стоењето во долга редица за симнување од планината не е од никаква помош.
Смртоносен сообраќај
Колку подолго време некој минува над границата на издржливост, толку е поголем ризикот од појава на болест. Доколку некој не е во можност да се симне од планината поради гужва, тогаш станува навистина комплицирано да се дојде до потребната терапија.
Кога планинарите чекаат во ред, тие не јадат, не пијат и не спијат. Исто така ја трошат вредната залиха на кислород, доколку носат боци, и ризикуваат да се изложат на смрзнувачки околности.
Треската за врвот, или желбата да се искачи планината по секоја цена, најверојатно има удел во ова. Овие луѓе најчесто имаат инвестирано многу пари и време во овие подвизи. А во период кога временските услови се добри, сигурно можете да замислите колку е тешко да убедите некој да се врати бидејќи редицата е предолга.
Доколку сакате да започнете со планинарење, погледнете ги клучните совети што секој почетник треба да ги знае.
Post a Comment