Собрание на Република Македонија-Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 13-та седница оддржана на 8 јануари 2015 година, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој.
Пратеникот Љупчо Димовски во својата дискусија истакна дека овој закон е основата на земјоделството во Република Македонија, истиот го нарече устав на македонското земјоделство.
Тој ги нагласи петте значајни измени и истовремено ја истакна поддршката за донесување на овој Предлог на закон.
Пратеникот даде краток осврт на секоја измена поединечно.
За првата измена истакна дека е во делот на користење на податоците изработени во електронска форма и истите ги поседува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие ги има врз основа на ортофото снимање или авионско снимање на целата земјоделска површина во Република Македонија, кое понатака послужи како база на податоци преку единствениот регистар на земјоделските стопанства. Со нив се овозможува увид на секое земјоделско стопанство со колкава површина располага, а во исто време со која дејност се занимава односно која земјоделска култура ја обработува. Со ова снимање се допринесе целокупната документација што била потребна да ја достават земјоделците при аплицирање на земјоделските субвенции повеќе да не е потребна, туку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од базата на податоци што ја има преку овој систем, да ја има потребната документација и со тоа се поедностави аплицирањето на земјоделците. Истовремено овој проект се покажа како многу добар и истиот допринесе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да поседува и попрецизни податоци од Агенцијата за катастар на недвижности во делот на земјоделските површини во Република Македонија. Овие податоци се користат за потребите на разни институции кои се во состав на Владата на Република Македонија и компании кои можат да ги користат во развивање на своите бизнис планови. Овие податоци за органите на државната управа се користат бесплатно, додека компаниите кои ги користат за комерцијален увид и примена на овие податоци, ќе плаќаат согласно ценовник со кои би се покриле одредени трошоци на министерството.
Втората измена е во остварувањето на правото на користење на средствата односно на субвенциите и истото е прецизирано во член 14 кој е целосно изменет. Барање за остварување на правото на користење на средствата согласно со овој закон можат да поднесат земјоделските стопанства запишани во единствениот регистар за земјоделски стопанства, други корисници и земјоделските задруги регистрирани согласно со Законот за земјоделски задруги под услови и начин пропишани со овој закон. Со ова се допрецизира начинот на аплицирањето за користењето на правото за субвенции, се воведува подобра евиденција за самите корисници и за подобрување на ефикасноста на министерството при креирањето на мерки и нивното спроведување.
Третата измена е во член 14-а во врска со пребивањето на обврските кое се воведува на барање на земјоделците да се овозможи пребивање на обврски кои ги има земјоделецот по неколку основи и тоа по основ на побарувања по основна закупнина за користење на државни пасишта, побарувања по однос на воден надоместок, побарувања по основ на закуп за користење на државно земјоделско земјиште и побарувања по основ на јавни давачки и придонеси (персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на имот, придонеси од задолжително социјално осигурување и др.). Сите овие обврски до сега земјоделците имаа намера да ги исплаќаат веднаш по добивањето на субвенциите. Од оваа година согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството односно Уредбата за поблиски критериуми за распределба на финансиската поддршка во земјоделството, донесен е календар на исплата на субвенциите и истите ќе бидат исплатени во законскиот рок, меѓутоа во рок кога за одредена земјоделска култура се најмногу потребни. Тоа значи дека нема да има каснење во исплатата на субвенциите и истите да бидат исплатени во рок кога тие најмногу се потребни. Се овозможува пребивање на обврските и плаќање на концесијата за користење на државно земјоделско земјиште.
Четвртата измена се состои во проширувањето на Советот за земјоделство и рурален развој или агро-советот кој се проширува со уште еден член кој ќе биде вклучен во делот на развојот на руралниот туризам. Ова е потребно затоа што се предвидуваат мерки од програмата за средства за развој на руралниот туризам.
Петтата измена се состои во обука и информирање на земјоделските производители. Ова се воведува поради тоа што е увидено дека е потребна доедукација на земјоделските производители, она што се воведува е потребно земјоделците да го применуваат. Покрај останатите услови и ова ќе биде услов за добивање на субвенции.
Љупчо Димовски
9 јануари 2015 година
9 јануари 2015 година
Post a Comment