Која колумна предизвика толку реакции ?
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Тетово, “Штулов” универзитет, 2038 година. Македонија е унитарна земја, одамна влезена во НАТО и ЕУ. Има повеќе службени јазици, а во двата пописа спроведени во текот на последните 20 години, Албанците се уште сочинуваат над 20% од населението, а концептот на “стекнато право” е се уште важечки правен поим. Јас имам 56 години и се уште работам како професор по право. Го заменувам колегата кој предава Човекови права, а кој отишол на некаков студиски престој.
Им давам на студентите да работат проект и ги делам во работни групи. Во помали групи работат заедно една Албанка, еден Македонец, еден Ром, една Турчинка, еден Србин, една Босанка, еден Хрват и еден Влав. Треба да сработат презентација на тема: “Кој, што изгубил и што добил од Охридскиот рамковен договор во Република Македонија? – посебен осврт на Законот за употреба на јазиците донесен во 2018 година”.
Студентите истражуваат. Ги наоѓаат сите реакции кои биле објавени по повод донесувањето на овој закон. Читаат статии, колумни и статуси на реномирани доктори на правни науки, искусни професори избрани за најинспиративни, академици. Првата нивна реакција е што се фаќаат за глава и со недоверба продолжуваат да читаат. Се прашуваат збунети да нема некоја грешка, некоја манипулација, монтажа, сечена-лепена-монтирана изјава?! Не, изјавите се исти кај секој извор што го наоѓаат. Истите зборови се вртат: “Тиранија на малцинството” вели една професорка, “Попис да се направи пред да почне да се спроведе законот” вели друга професорка, активист за човекови права, “Македонскиот јазик го губи својот статус на службен јазик, ова е вовед кон федерализација на земјата” вели трета професорка.
Одеднаш, студентите почнуваат да се смеат, гласно и безгрижно, како што тоа го можат дваесетгодишни млади луѓе. “Доста ни е од толку патетика” ми викаат, “дајте друга задача, ова нема да го работиме. Па човековите права не се пита професорке, ако некој добива тоа не значи дека другиот губи!”
Би сакала и јас да ја имам сега таа ноншалантност што моите студенти ќе ја имаат после дваесет години, кога Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ) ќе биде одамна надмината тема, а од денешните вжештени изјави на интелектуалците со долго искуство и успешни кариери ќе остане само нивната гола патетика. Би сакала да не се чувствувам навредена од таквите обиди со некакви непостоечки правни аргументи да се покријат шовинистички и фашизоидни тези. И навистина, ако не беше трагично, целава патетика околу ЗУЈ би била едноставно само смешна. А таква ќе биде, и тоа брзо, нема да има потреба да поминат цели дваесет години.
Сепак, не можам да се смеам, затоа што овие аргументи, кои упорно се повторуваат секоја година, секогаш кога ќе се отвори дебата за меѓуетничките односи во ова земја, ме потсетуваат на многу работи кои сум ги видела и низ кои сум поминала досега во мојот живот.
1994 година. Моите студенти кои во 2038 година ќе ја работат проектната задача не биле ни планирани, а нивните родители можеби биле новороденчиња. Јас во 1994 година имав 13 години и пишував во мојот дневник гледајќи од прозорот на мојата куќа. Тој ноемвриски ден не пишував за некоја тинејџерска симпатија. Пишував за тоа што го гледав од прозорецот. Во соседната куќа во тоа време се наоѓаше Ректоратот на нелегално отворениот Тетовски универзитет. Дента во соседската куќа имаше полициска акција. Специјалци вооружени до заби го приведуваа тогашниот ректор на Тетовскиот универзитет, Фадил Сулејмани. Го видов како го носат со лисици надвор од зградата. Го имаше прекршено Уставот, кој во тоа време не одредуваше изречно дека други етнички заедници може да следат високо образование на својот мајчин јазик. За истата работа, во протести при полициската акција во Мала Речица, Абдиселам Емини беше убиен, протестирајќи за право на високо образование на мајчин јазик.
Ете тоа се случуваше во 1994 година. Сега е 2018 година, и во Македонија има три универзитета на Албански јазик. На едниот од нив работам и јас, заедно со колеги Македонци, а им предавам право на студенти Македонци, кои заедно работат, се дружат и учат со колеги Албанци. Ниту еден од нив не чувствува дека изгубил нешто со тоа што Албанците имаат три универзитета, напротив, животот на многу од нив станал поудобен, со повеќе можности. Не, човековите права навистина не се пита, од нив сите добиваат, никој не губи.
1997 година. Поминуваат полека 21 година од деновите кога Милошовски, Петровски, Ѓорчев и некои други протестираа па дури и штрајкуваа со глад. За што протестираа и гладуваа? Против Предлог-закон кој требаше да им овозможи на нивните колеги Албанци да следат настава на мајчин јазик во Педагошката академија во Скопје. Слоганите извикувани во протестите? “Гасни комори за шиптари”, “Сатари за шиптари”. Аргументите на протестантите кои штрајкуваа со глад? “Таквиот предлог-закон е противуставен и води кон федерализација на земјата”. Ви звучи познато? Епа да, и минатата година, таканаречената “Тиранска” Платформа за која денес ретко некој зборува, ќе не водеше кон “федерализација” на земјата. Кон таа “федерализација” секако ќе не води и штотуку усвоениот ЗУЈ, според реакциите на многу инспиративни професори и академици на чии изјави студентите ќе пукнат од смеа после некоја година. Навистина многу ќе се смеат, верувајте!
И 1997 беше не само патетична, туку и трагична година. Двајца професори кои сега ми се колеги на Универзитетот во кој работам, тогаш беа градоначалници на Тетово и на Гостивар. И двајцата добија затворски казни заради истакнување на Албанското знаме пред општинските згради. Големи полициски акции, убиени луѓе, повредени, трауматизирани…
Денес поминувам пред општинската зграда кај што се веат три знамиња, македонското, албанското и знамето на општината. Нема веќе патетика, луѓето одат на работа, доаѓаат и си заминуваат без дури да приметат какви знамиња се веат пред зградата. А некогаш луѓе се убиваа за тоа знаме. Како што се уби човек при отворањето на Тетовскиот универзитет. Луѓе умирале за работи што денес веќе не ги приметуваме, а камо ли на некој да му сметаат или да му наштетат. Човековите права не се пита, ама луѓе умирале додека ги стекнале тие права, и затоа сега истите уживаат статус на стекнато право, правниците добро го познаваат тој концепт, барем тие што навистина се разбираат од правото.
2001 година, август. Во Тетово се пука од сите страни. Во ѕидот на нашата семејна куќа падна граната, за само неколку сантима не го погоди прозорецот и нас што бевме внатре. Јас и моите родители седиме во подрум, чекаме да престане пукањето. Јас учам Економја, последен испит ми е од прва година на Правен, треба да полагам кај сега покојниот професор Јане Миљовски. Тој ден ми изгледа дека никогаш нема да достигнам дури ни бидам присутна на тој испит, дека никогаш нема да завршам факултет, ми изгледа дека сé може да стане прашина за само неколку секунди, и едноставно да не снема, како што ги снема многу други во Балканските војни. Татко ми ме гледа дека сум загрижена и ме теши: “Не се секирај, ти ќе завршиш факултет, магистратура, докторат, а овие работи нема да завршат, секогаш ќе ги има и ќе се навикнеш на тоа”. Тоа беше пред 17 години, а сега уште зборуваме за истите работи, и уште се вртат истите аргументи. Татко ми имаше право, навистина завршив со школувањето и веќе сум во средна возраст а темите се исти, секогаш исти.
Ги слушам сега академиците и професорите како тврдат дека македонскиот јазик беше последната точка која не обединуваше, и дека после усвоениот ЗУЈ веќе не постои ништо што не држи заедно. Сакам да им укажам на загрижените интелектуалци дека наметнувањето на еден јазик врз друг кога Уставот јасно одредува дека постојат повеќе службени јазици во земјата, никогаш не било ниту некогаш ќе биде обединувачка точка. Тоа што го обединува едно мултиетничко општество е правото на избор на граѓаните и волјата да се делува заеднички: таа волја за слобода што повеќе пати се искажала во минатото, а во поново време, многу јасно беше искажана на 11 декември 2016 година. Обединувањето се случува кога сите имаат право на избор и уживаат заеднички и еднакви права.
Така, во 2000 година кога јас ги почнав моите студии, имав избор, да се запишам на Јустинијан Први, да се запишам во тогаш нелегалниот тетовски универзитет, или пак да направам трансфер на УЈИЕ кога истиот се отвори во 2001 година. Јас одлучив да студирам во Јустинијан, бидејќи ми беше предизвик да студирам на друг јазик, и секако, ми беше предизвик да постигнам да бидам студент на генерацијата во најстариот правен факултет на земјата, за каква што се прогласив и добив Златен Јустинијан во 2004 година. ЈАС одлучив во врска со моите предизвици, како што одлучив и каде сакам да работам и како сакам да живеам.
Исто-така, ОДЛУЧИВ ДА ВЕРУВАМ дека ова земја ќе биде еден ден ослободена од шовинизмот кој не следи од минатите децении и векови и се уште силно верувам во тоа, иако некои инспиративни професори кои биле и мои професори, понекогаш ме ставаат во длабок сомнеж дека тоа брзо ќе се случи.
Времето поминува, Македонија не се федерализира ни после Охридскиот рамковен договор, ниту кога се легализира Државниот универзитет во Тетово, ниту кога бројот на Албанците во јавната администрација, во полицијата и во армијата порасна, ниту кога се донесе Законот за територијална организација на општините, за кој во 2004 година се дигна толку голема патетика што за малку не настрадаа луѓе а после кој многу брзо на власт дојде Груевски и неговото владеење кое го трпевме цели 11 години а од кој, пазете, се ослободивме тогаш кога граѓани Албанци и Македонци и многу други гласаа заедно за рушење на режим и се залагаа заедно за некои идеали, како што е владеењето на правото.
Тоа беше пред само една година. Албанците, за чиј јазик сега некои зборуваат како за “тиранија на малцинството”, го направија потребното парламентарно мнозинство за да се формира новата влада, во време кога Груевски патетично молеше и нудеше мнозинство од 100 пратеници само да не се прифатат барањата кои тој самиот ги имаше одамна прифатено.
Има некоја тиранија тука и таа навистина е тиранија на малцинството, на тоа малцинство што сака се уште Македонија да функционира како држава во која една етничка заедница е господар а другите етнички заедници се кираџии. За жал, тоа малцинство живее во некој утопистички паралелен универзум, бидејќи во реалноста, сите тешките одлуки секогаш се носеле заеднички, така како што заеднички се формирала оваа држава.
И навистина ми паѓа жал за тоа малцинство луѓе заглавени во минатото. За три работи ги жалам:
Прво, ги жалам затоа што трудејќи се научно а неиздржано да докажат дека се во право, наликуваат на челниците на Третиот Рајх кои во Нирнбершкиот трибунал се труделе со легалистички аргументи да го оправдаат Холокаустот. Бидејќи, знаете, во Третиот Рајх истребувањето на Евреите, Синтите и другите неариевкси заедници било сосема законски чин, детално уреден со Нирнбершките закони. Епа навистина ми е жал што неколку години подоцна од сега, кога веќе нема да се зборува толку жестоко за ЗУЈ, ќе останат само патетичните изјави на професорите и академиците. Ми е жал за тоа што ќе ги фати срам кога од временска дистанца можеби ќе разберат колку шовинистички звучеле тие изјави. Едно е да се критикува Законот, а има доста место за конструктивна критика, но сосема друго е да се прогласи службената употреба на Албанскиот јазик за опасност за Македонскиот јазик и за ограничување на употребата на истиот.
Второ, ги жалам заради одвратноста што го имаат кон јазикот на својот сосед и за загрозеноста што ја чувствуваат од истиот. Заради таа одвратност остануваат без да научат ни збор од еден јазик кој се зборува во барем четири од соседските земји. Ги жалам кога ги гледам во некој помал хотел во Албанија, како не можат на Англиски да се разберат со газдата за основни работи, како на пример, дали може да го остават багажот во хотелот додека се шетаат низ град пред да заминат. Навистина треба да чувствуваш голема одвратност кон јазикот на соседот за да не бидеш во можност два збора да научиш на тој јазик. Ги жалам што не успеале да разберат дека познавањето на повеќе јазици е предност а не хендикеп. Ги жалам што не се гордеат со тоа што пораснале во мултилингвална средина. Јас за себе сум горда, што уште пред да тргнам на училиште сум зборувала течно на три од локалните јазици. Горда сум што на целиот Балкан можам да се разберам во секоја држава без преведувач, освен во Грција. Жалам што не сум успеала да научам и ромски и влашки и грчки, многу би сакала тоа да го направам. Се гордеам со мултилингвалноста која ме прави полиглот а која е меѓу најубавите нешта за кои вреди да се биде од Македонија и од Балканот. Жалам за секој кој тоа не може да го разбере и кој упорно се бори против таа наша ценета карактеристика.
Трето, жалам што некои активисти за човекови права, доктори по правни науки, се повикуваат на пописот како основа за спроведување на ЗУЈ. Ги жалам, затоа што го употребуваат истиот аргумент што Владиката Агатангел го употребуваше во својот говор во протестите “За Заедничка Македонија”, а кои завршија како дело на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата. Ги жалам, бидејќи тие не се свештени лица кои ги измешале границите меѓу верата и власта, туку се доктори по правни науки кои намерно испуштаат да објаснат дека еднаш стекнатите права не се губат така лесно, со варирање на некакви проценти.
Најмногу од се, ги жалам сите што сега бараат спас кај Иванов, и неговото право на суспензивно вето, на истиот тој Иванов кој пред неполни две години го суспендираше владеењето на правото со своите озлогласени помилувања за кои цел свет ни се смееше.
Навистина ми е жал. А на тие за кои мене ми е жал, треба да им биде срам. Не од мене ниту од многу како мене кои во сите овие години видовме тешки глупости да се случуваат пред нашите очи. Срам треба да им биде од студентите кои ќе ги читаат нивните изјави после 20 години, и ќе се смеат, ќе урлаат од смеа, како што се смееме сега на многу надминати патетични работи од изминатите векови.
Туку, штрајкот со глад кога ќе го започнат, ме интересира? До сега доследно ги следеа сите чекори на водачите на студентските протести. Не, не на тие протести што ја разбудија целата држава во 2015 година. Познатите академици и искусни професори доследно ги следат чекорите на олд-скул протестите, на Милошоски и компанијата.
Човек кога е на дваесетгодишна возраст може да биде многу зрел, ама понекогаш му личи да биде и помалку патетичен, особено ако има многу инспиративни професори.
Ама да се биде возрасен, искусен професор, избран како најинспиративен од студентите, или да се биде академик, а сепак тезите да бидат исти како тие на студенти или средношколци опиени со шовинизам, е навистина жалосно. Само штрајкот со глад им фали, затоа прашувам, кога ќе го почнат, за да имам уште нешто за што да ги жалам.
Post a Comment