Е К О – Е Х О (од рудниците на смртта)
Деновиве, по повод опомената пред тужба од страна на компанијата Еуромакс Рисорсис, добивам многу пораки со поддршка од најразлични профили луѓе, познати, непознати, леви, десни, верници, атеисти, млади, возрасни, баш секакви. Тоа ме радува не само заради активистите, туку заради сеопштиот пораст на свеста на граѓаните за проблемот и масовното подигањето на гласот пред заедничката загроза. Би сакал на сите да им се заблагодарам и да им порачам дека отстапување нема да има во никој случај.
Она што не многу бистрите „планери“ се обидоа да го остварат преку опомените, не само што не се случи, туку им се удри од глава, како што и предвидов – на мошне контрапродуктивен за нив начин. Предизвикаа лавина силни реакции од илјадници луѓе, кои не само што ни даваат морална поддршка, туку се и решени директно да се вклучат во борбата против заедничката опасност. Компанијата, соочена со двегодишна јавна девастација на нејзините методи на манипулација, посегна по очајнички потег: директно да ги заплаши и замолчи поистурените активисти, со подтекст тоа кумулативно демотивирачки да влијае врз целото население и да го пасивизира. Нималку наивно. Сакаа да посеат страв, сега жнеат бура. Со овој потег, сами си ја запечатија судбината. Сполај им.
Секое зло за добро. Во сета оваа лакрдија, мене посебно ме радува „страничниот“ аспект на борбата против рудниците на смртта, а тоа е вртоглавиот пораст на свеста за значењето на екологијата, заштитата на животната средина и околина и на природата во целина. Кога пред десетина години се вклучив на ФБ со неколку „про-натура“ постови, ретко каде можеше да се сретнат еко-активистички објави, дискурси или дебати. Денес, тоа е една од доминантните теми во општеството (вистина е и дека некогаш се користи за дефокусација), а отпорот на Југоистокот, заедно со бројни поединци од целата држава и со неколку посветени новинари/медиуми кои цело време ја држат темата, предизвикаа катарзично соочување со фактот дека сме еколошки деградирана држава и дека сме многу загадени, на сите нивои. Една од причините е тоа што досега немаше автентично цврсто еколошко движење, туку параван здруженија и политикантски прикрпоци, кои од немајкаде станаа „екологисти“ и кои сѐ што прават е да конкурираат за „грантови“. И во актуелниот отпор имаше обиди за политичка инфилтрација/манипулација и ставање под партиско-идеолошка контрола, но тоа беше спречено.
Друга причина за досегашната ниска свест е негативната селекција, вулгарната партизација и селекција на политички кадри без минимум еколошка култура, покрај останатото, што резултира во немање никаков ефективен стратегиски план за заштита и унапредување на животната средина, еко-системите и биодиверзитетот. Така сукцесивно дојдовме во состојба да ни увезуваат смртоносни отпади, да дишеме најзагаден воздух, да чадат пеколни депонии, да имаме природна околина нагрдена од отпадоци, невиден зулум од диви дрвосечачи, стравично загадени реки, неконтролирана употреба на пестициди, инсектициди , влез на ГМО, за да кулминира со скандалозната глупост: стотина руднички концесии на една педа земја, патем најплодна во регионот. Катастрофа. Зад маската на „странски инвестиции“ ни влезе егзистенционална биолошка загроза на сегашноста и на иднината и нов извор на корупција во и онака девастираното општество. Корупцијата е смртоносна и во буквална смисла.
Екологијата, воопшто автентичните енвиронменталистички движења секаде во светот се прекрасни допирни точки, лоцирани над идеолошките, верските или какви било други поделби. Тоа е надсвест пропагирана од луѓе, кои ја разбрале едноставната вистина дека системот базиран на профитот како врвна вредност, олицетворен во третманот на природата како извор на „ресурси“, го доведува во прашање и самото постоење на цивилизацијата. Природата секогаш на крајот го возвраќа ударот: ќе подигнете десетици милиони тони прашина со експлозии за ископ на злато и бакар - е па, ќе ве попарат отровни кисели отровни дождови. Акција и реакција, причина и последица, злосторство и казна.
Како деца, лете одевме на реката Струмица на капење и - пиевме вода од неа. Ништо не ни беше. Од тогаш поминаа 40-тина години, едно трепнување на окото во природните циклуси, но обидете се денес да се доближите до водотекот: смрди. И тоа е така веќе 30 години. Македонија допрва ги откриваме стравичните димензии на сеопштото загадување. Струмичката Котлина, покрај преубавиот рељеф со околните планини, особено ја карактеризира „полето“, кое во некои летни вечери продуцира специјална медитеранска “музика“ во воздухот и атмосферата. Котлината е и еден вид историски, етно-социјален и цивилизациски феномен, со над 70-тина живи села (без радовишките) на релативно мал простор, со 20-тина км. најголемо растојание. Секако, многу од нив се прилично десеткувани заради иселување, работа во странство и непланско земјоделие, но живи се. Отворивме ли рудник – ќе го уништиме тој вековен тек на животот и ќе ги дотолчиме тие убави села, погрдно наречени „населени места“. Постојат тврдења дека земјоделието во струмичко се практикувало од пред 9,000 години, како цивилизациски фундамент, земјоделска култура, економија, бит и архетип. Тоа сакаат да ни го уништат. Не може.
Онтолошки, екологијата е допир на вистинските архетипски и универзални човекови вредности, со вредностите на целокупното Создание. Не само „заштита на околината“, туку начин да се биде хармоничен дел од природата, со манир на минимална човекова интервенција која не ги нарушува нејзините закони и методи, туку ги облагородува. Насекаде во светот, корпоративниот ресурсизам, кој преку коруптивната контрола врз политиката денес претставува најголема опасност за природата, ги обвинува автентичните еко-движења дека го кочат развојот, притоа под развој подразбирајќи исклучиво индустријализација. Но, што е всушност човечкиот развој? Можеме ли да го сведеме само на профит, кој притоа ја уништува иднината и на самите профитери? Човековото отуѓувањето од природата претставува отуѓување од самата автентичната човекова природа и, како такво, извор е на зло, деволуција и деградација на хуманизмот, сфатен пошироко, надвор од родовиот шовинизам, во смисла на почит и одговорност кон целокупниот живот.
Корпоративниот концесионер, кој се обиде да нѐ замолкне, соочувајќи се со јавниот крах деновиве спадна на ниво на плукање врз активистите преку лажни профили на ФБ, би се рекло пакосно одмазднички, од немоќ. Чувам документирано неколку такви егземплари уште од пред референдумите, со интересни индиции за тоа кој стои зад нив. Тоа е нивното ниво, тоа знаат, тоа прават. Во последното соопштение, објавено по повод реакциите во јавноста, тврдат дека ќе продолжат да ги користат „сите правни механизми “ за да спречеле ширење на „дезинформации и лажни вести за проектот и компанијата“, но насетувам дека веројатно ретерираат од тужби, соочени со нашите аргументи и решеност да одиме на суд. Штета ако е така, бидејќи убаво и детално би се видело кој ширел дезинформации и лажни вести, кој и како манипулирал (вклучувајќи го и претходното раководство), а конечно би се утврдила реалноста за еколошката, економската и цивилизациска погубност на рудникот на смртта.
Не сфатија една едноставна работа: ние немаме избор, освен да се бориме за опстанок, со нокти и со заби. Шумата на сртот на Водно ја изгубивме, но оваа голема битка не смееме и немаме право да ја изгубиме. Тие се веќе поразени и сѐ што преостанува е владата официјално да им се заблагодари и да си заминат во мир и неповрат.
Крум Велков
Post a Comment